ЕФИС- Француско интернационално училиште каде ученикот сам го гради својот успех
Француското Интернационално Училиште од Скопје (ЕФИС) е една интересна приказна за тоа како од франкофонска градинка се надогради и стана училиште што ги следи и спроведува програмите и организацијата на Министерството за образование на Франција и ги исполнува критериумите на француските училишта во странство што подразбира усогласеност со основните принципи на еднаквост, слобода и секуларизам. Од пред две години дипломите од ова училиште се признаени и од македонското Министерство за образование и наука.
Училиштето во Скопје е единствената образовна институција каде настава се одвива на француски јазик преку индивидуален пристап и помал број на ученици во одделенијата, условите кои овозможуваат успешен воспитно-образовен процес.
Според професорите од ова училиште ако се направи споредба со македонскиот образовен систем, се воочува дека во францускиот учениците повеќе се насочен кон самостојно размислување. Француското училиште акцентот го става на учење преку разбирање а не толку на оценки. Учениците се учесници во наставата, треба да размислуваат, да даваат решенија, критики, а не да бидат само слушатели на предавањата и наставните содржини.
„Ние, велат професорите, не ги учиме да им наметнеме начин на работа според кој професорот знае сè. Ние професорите сме тука, го следиме ученикот, гледаме што прави и се обидуваме да му помогнеме за да отиде до крај на неговото истражување или неговиот експеримент. Сметаме дека тоа е јаката страна на францускиот образовен систем што им овозможува на учениците да стигнат до една точка но да употребуваат различни патишта за достигнат до таму. Учителот е тука да ги поттурне да за можат да успеат во нивната намера, но не е тука да им каже дека има само еден единствен пат до то успех“ вели педагошкиот директор на училиштето, Лорен Изел.
Училиштето својата приказна ја започна пред 20-тина години со франкофонска градинка со квалитетен француски наставен кадар и програми, а потоа беа оформени и одделенија од основно образование.