Преку „Јустинијан збори“ гласот на младите има нов лик

Јакнењето на гласот на младите е клучен дел во создавање на демократско општество и правна држава. Со поддршката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ оваа година се основаа студентски медиуми кои ги користат новите дигитални алатки за да му дадат лик на студентскиот глас. Меѓу нив е и подкастот „Јустинијан Збори“ – дело на четири ентузијасти – студенти на правниот факултет, кои оваа година му дадоа лик на зборот на студентите, изработија платформа со содржини кои се важни за општеството, и целат на градење на здрав медиумски дискурс.

Никола Донев и Ѓорѓи Георгиев одговорија на неколку прашања за што сака да каже „Јустинијан“ и колку е тоа важно за студентите во нашата држава.

Кој е позади тимот на Јустинијан збори?

Позади Јустинијан збори е мал тим од четири студенти на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје: Ѓорги Георгиев (Џоле), Никола Донев (Донев), Димитар Тромбевски (Тромбе) и Катерина Иванова (Кате). 

За што зборува Јустинијан? 

Кога ја споделивме нашата прва епизода, на први април годинава, во описот на подкастот ставивме дека ќе збориме за право, политика и сè помеѓу. Гледајќи од денешна перспектива, речиси 9 месеци подоцна, мислам дека тоа и го остваруваме. Главни теми и наша пасија е политиката и правото, но исто така разговараме за други теми кои се посебно важни. Тоа всушност е критериумот кога правиме избор на гости и теми за епизодите кои ги снимаме – дали темата на која што би збореле е важна и интересна за нас. Ако одговорот е да на едно од овие две прашања, голема е веројатноста следната епизода да ни биде токму на таа тема.

Што сака да каже Јустинијан? 

Можеби ќе звучи како клише ама „Јустинијан збори“ сака да го каже тоа кое што не можете да го слушнете секаде. Ова е дополнето со нашата одговорност да бидеме дел од градењето на здрав медиумски дискурс, а истовремено да ги отвараме важните општествени прашања. 

Која е публиката на подкастот, колку младите луѓе во нашата држава слушаат подкасти? 

Ова е тешко прашање од причина што многу луѓе кај нас без разлика на возраста не знаат што се тоа подкасти, затоа и сметаме дека процентот на оние кои слушаат подкасти е многу помал од процентот на оние кои гледаат Јутјуб, на пример. Сепак, мислам дека во периодот во кој сме присутни на малата подкаст сцена во Македонија – успеавме да изградиме една група на млади луѓе (студенти) кои редовно го слушаат подкастот и не следат на социјалните медиуми. Не е тоа некоја голема бројка со која подкасти низ светот би се пофалиле ама за нас е доволно да продолжиме со работа. 

Според вас, зошто се значајни овие студентски медиуми? 

Ова е супер прашање за да му се посвети цела една епизода на подкастот. Студирањето и полагањето испити е само еден дел од високото образование, но според нас поважен дел е создавањето сопствено мислење и критичко размислување кон работите во заедницата – прашањата за правдата, демократијата и останатите вредности кои ние како млади луѓе треба да ги реобмислуваме за нашето време, а универзитетот е автономниот простор за такво размислување – тој мора да биде дом на радикалното и автономно практикување на знаењето и образованието. Има повеќе начини како да се дојде до тоа. Еден од нив е постоењето на платформа – студентски медиум како што е Авангарда, каде што секој студент може да твори за работи кои нив ги интересира. 

Која е вашата омилена епизода и кои се вашите омилени гости? 

Политички кореткниот одговор тука е да се искористи примерот со децата и родителите и дека сите епизоди (и гости) ни се подеднакво омилени. Сепак, дефинитивно има епизоди кои ни се (по)омилени од другите. Првата епизода каде што разговаравме за изборите во САД и за гостин го имавме Борјан Ефтимов секако мора да се спомене – што заради фактот дека беше прва епизода а и за реакцијата која ја добивме и нападите по нас од луѓе кои не размислуваат како нас, по искажаните мислења за Берни и ситуацијата во САД. Кога станува збор за гости, омилени ни се оние со кои мораме да го прекинеме разговорот пред да сакаме истиот да заврши бидејќи не сакаме епизодата да биде предолга. 

Што е следно на агендата на подкастот? 

Следно на агендата е професионализирање на подкастот. Досега главен акцент ставивме на квалитетот на содржината на епизодите и правевме компромиси кога станува збор со квалитетот на аудиото и видеото поради тоа што како подкаст функционираме волонтерски и немаме буџет. Сепак, веќе некое време разговараме како да го подигнеме подкастот на едно повисоко ниво и сметаме дека во иднина се можни промени и на тоа поле.

Дали сметате дека во наредните генерации има студенти кои ќе продолжат да создаваат интересни содржини?

Секоја генерација со себе носе желба за творење на нешто што може да го гледа како „свое“. Нашата верба и надеж е дека следните генерации ќе продолжат да создаваат она што е потребно за нивното време и нивните околности. Но, исто така е важно да погледнат на сето она што претходело, да ги осознаат традициите и да ја оценуваат нивната вредност. Ние сме творба на она што претходело. УКИМ како најстар универзитет има богата историја на студентски активизам – задачата е повторна да ја откриеме, да ги бараме преседаните коишто довеле до денешната состојба и истите да ги погледнеме критички за евентуално да ги реобмислеме и измениме.

„Јустинијан збори“ може да слушате на следниот линк.

 

You might also like