Васил Гарванлиев: Најголема желба ми беше да ја почнам турнејата од Македонија
Мост на три музички жанрови создаде македонскиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев на концертот „Васил“ кој вечерва се одржува во Куршумли Ан.
Тој заедно со реномирани македонски музичари и уметници, меѓу кои и женскиот хор Св. Злата Мегленска и сценскиот перформанс од кореографката Сања Шутевска, ќе одржи уште еден концерт на 14-ти септември (четврток) во НУЦК Антон Панов – Струмица со почеток од 20:00 часот, на кој исто така ќе настапи со македонски песни-авторски нови композиции, балкански хитови и класични композиции.
Гарванлиев пред неколку недели допатува од Чикаго, во својата Струмица, а во Охрид имаше впечатлив настап каде ја испеа „Јовано“, преработката на македонската народна песна „Јовано, Јованке“, на фестивалот „Охридски трубадури“. Покрај оваа песна тој ја преработи и „Параходот“ која е е половината на македонски, половина на англиски јазик.
Она со што тој е зафатен во моментов во Чикаго е „кросовер“ албумот, кој тој го нарекува три во едно: Балканска музика, класична музика и поп-музика.
– Тој спој, тој мост во таа музика ги допира и Американците. Тоа ми е најважно. Албумот го завршив, и најголема желба ми беше да ја почнам турнејата од Македонија. Мојата цел е тоа јадро на македонски музичари да дојдат со мене и светот да ги прифати“, вели поп и оперскиот пејач кој кариерата ја започна со детскиот хит „Марионка“.
Засега, Гарванлиев нема планови да се врати и да живее во Македонија, но вели дека би сакал. Како што појаснува , во Америка живее само од музика, иако за него на почетокот било многу тешко.
– Но, затоа, албумот се заврши. Тоа е убавото во тешкото. Благодарен сум што има прекрасно работно лето. Настапив на стадионот на фудбалскиот клуб „Chikago Fire“, „Soldier Field“, а Карл Џи беше првата пејачка на латино музика која беше земена да биде хедлајнер на Лола Палуза, пеев со неа и имаше 250.000 луѓе. Спроти нас, на другата сцена беше Били Ајлиш. Тоа е неверојатно искуство. Имам неколку прекрасни шанси кои ми се „родија“, буквално кога статусот за работа ми се смени, и можев пак да настапувам. Така што коцките се местат. Да е лесно, не е лесно, но во Америка, тоа е лекција за сите нас, дека трудот и талентот се ценат и се наградуваат. Луѓето сакаат да успеат“, вели Гарванлиев.