Органскиот отпад веќе не е ѓубре, туку ѓубриво за дрвjа, цвеќиња и други растенија

Благодарение на Европската Унија и нејзината ИПА програма за прекугранична соработка се реализира проектот „Симбиоза“ за заштита на животната средина, од којшто бенефит ќе видат граѓаните кои живеат во Битола, Новаци, но и во Божанија, Патра и Јатима, истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски, на денешната завршна конференција за проектот „Симбиоза“, насловена „Симбиотски мрежи за одржливо управување со органски отпад“.

Имено, на конференцијата беа промовирани резултатите од реализираниот проект, спроведен според концептот индустриска симбиоза. Како што посочија организаторите, воспоставено е интегрирано и одржливо управување со биоотпад и се лансира платформа за размена на органски отпад помеѓу партнерските региони Битола и Новаци од Република Северна Македонија и областа Западна Македонија во Грција.

– Проектот „Симбиоза“ ги разви и ги промовира симбиотските мрежи кои ги спојуваат компаниите и институциите, ја унапреди прекуграничната соработка за ефикасно користење на ресурсите и ги поврза компаниите во размена на материјали на еколошки одржлив начин, нагласија организаторите.

Овој проект е кофинансиран од страна на Европската Унија и двете земји учеснички во рамките на Првиот повик на Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка Грција – Република Северна Македонија 2014-2020.

– Програмата ИПА не значи само реализирање на проекти туку значи и придвижување на општините, на здруженијата, на институциите, но пред се на граѓаните во двете држави. Тоа пријателство и таа соработка во иднина ќе се искористи за реализирање на многу нови други проекти коишто овие сите луѓе ќе учествуваат заедно, рече Милевски.

Тој наведе дека проектот значи селекција на органски отпад и прв пат Општина Битола ќе учествува во него благодарение на Јавното Комунално Претпријатие „Комуналец“.

– Затоа секој граѓанин треба да рециклира, и не само граѓаните, туку и бизнисот треба да се вклучи во оваа активност, бидејќи ние резервна планета немаме, ни резервен простор за живеење. Колку ние поодговорно се однесуваме ќе имаме поздрава животна средина сите ние заедно. Затоа, не само на зборови туку да преминеме на дела, како што го прави овој проект на „Симбиоза“, потенцираше министерот за локална самоуправа.

Претставничката на Општина Битола, Татјана Крнчева истакна дека „Симбиоза“ е проект кој донесе очигледен пробив во третманот на отпад во општина Битола, проект со кој Северна Македонија и Грција можат да бидат горди.

– За Општина Битола особено значајно е што проектот „Симбиоза“ внесе радикална промена во управувањето со органискиот отпад и ги постави темелите за понатамошен разој на третманот на овој отпад. Со имплементацијата на проекот симбиоза за прв пат во општина Битола се организира селекција на органиски отпад, се собира во специјални контејнери за оваа намена, се транспортира со специјално возило, се обработува во биокомпостер и производот се користи за потребите на ЈП „Комуналец“, наведе Крнчева.

Таа нагласи дека органискиот отпад веќе не е ѓубре, туку ѓубриво за дрва, цвеќиња и други растенија

– Жителите на општина Битола не се веќе загадувачи на животната околина, туку активни учесници во разубувањето на целиот град, заклучи Крнчева.

 

/МИА/
You might also like