Основците кои победија на ликовниот конкурс на тема „Светот кој го сакам во 2023 година“ се сретнаа со министерот Шаќири

Преку вашите ликовни илустрации ги видов вашите желби за следните 365 дена. Нам ни е потребен подобар свет, подобро место за живеење и секако, посакувам оваа, всушност заедничка желба на сите нас, да се оствари, а за тоа да се случи сите ние треба да бидеме подобри луѓе, да ги почитуваме и прифаќаме вистинските човечки вредности, да бидеме обединети и да се заложиме повеќе за нејзино остварување.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на средбата со основците кои победија на ликовниот конкурс што МОН го објави кон средината на декември, на тема „Светот кој го сакам во 2023 година“.

Честитајќи им за освоените први места во неколку категории, тој посочи дека со самото учество на овој конкурс, учениците го надградиле својот натпреварувачки дух, а министерството ја награди нивната креативност.

„Изминатите денови се изнагледав прекрасни цртежи кои со мене ги споделуваше комисијата задолжена за разгледување и одлучување кој е најдобриот. Пристигнаа над 700тини цртежи и за мене сите се најдобри. Ако требаше сам да одлучам, веројатно немаше да одберам само по еден победник во секоја категорија, но сепак, такви се условите во конкурсот и обично секој натпревар завршува со еден победник, па затоа и вие сте денес тука“, им рече Шаќири на основците, посакувајќи им среќна и успешна 2023 година.

„Продолжете да сонувате и да ги остварувате вашите соништа, а ние ќе продолжиме да ве поддржуваме во тоа“, додаде министерот.

За потсетување, конкурсот кој предвиде натпревар во три категории – за ученици од прво до трето одделение, од четврто до шесто одделение и за ученици од седмо до деветто одделение, им даде можност на основците да ја покажат креативноста и преку илустрација на своите желби и очекувања во 2023 година, да освојат пригодна награда.

Секој ученик можеше да испрати само еден индивидуален авторски ликовен труд во само една категорија, соодветна на одделението во кое учи. Крајниот рок за аплицирање беше 23 декември.

You might also like