Зајкова: Корупцијата ги понижува граѓаните и ја слабее државата

Ниту една земја, без оглед на тоа колку е демократска, не е имуна на феноменот на корупцијата. Оваа социјална болест подеднакво ги напаѓа сите општeствени чинители и справувањето со истата воопшто не е лесно, вели претседателката на ЛДП, Моника Зајкова по повод меѓународниот ден за борба против корупцијата.
– Корупцијата ги уништува националните економии, ја поткопува социјалната стабилност и ја нагризува јавната доверба. Таа ги намалува приходите од даноците, ги зголемува трошоците за јавни услуги и ја искривува распределбата на ресурсите во приватниот сектор, додава Зајкова.
Според Зајкова кога во општеството имаме високо ниво на корупција постои негативна корелација меѓу доброто владеење и економскиот развој.
-Корупцијата ги понижува граѓаните и ја слабее државата. Правдата во Македонија има потреба од повеќе објективни постапки за да покажат дека секој одговара за стореното. Промени мора да има доколку сакаме да ја вратиме довербата во правосудството.
Не може да имаме институции кои не испорачуваат резултат, бидејќи борбата против корупцијата треба да ја водиме и граѓаните и институциите, вели Зајкова.
Степенот на демократија во секоја држава е еднаков на способноста да овозможи доследно почитување и владеење на правото.
-Криминалот и корупцијата ги поткопуваат државните темели, ги доведуваат во прашање демократијата и владеењето на правото, го загрозуваат квалитетот на секојдневниот живот. Иако знаеме дека борбата со корупцијата не е лесен процес, мора да бидеме упорни во справувањето со истата со цел да обезбедиме правда која е симбол за стабилност и економски развој, вели таа.
You might also like