„Бидете херои на чесноста“ во ООУ „Кирил и Методиј“ – Струмица: Значењето на борбата против корупцијата се учи од најмали нозе

Суштината на личниот интегритет и важноста на борбата против корупцијата се основните начела кои треба да се вкоренат во свеста на децата, со цел тие да прераснат во поединци кои ќе го разберат значењето на правилното функционирање и дејствување во едно општество. Препознавајќи ја важноста за тоа, ООУ „Кирил и Методиј“ – с. Дабиље, Струмица, се вклучи во едукативната кампања „Бидете херои на чесноста“.

Кампањата е предводена од страна на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и е дел од Активност за антикорупција и интегритет, проект што го спроведува Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје, со финансиска поддршка од УСАИД.

Нагласувајќи го значењето на кампањата, директорот на ООУ „Кирил и Методиј“ – с. Дабиље, Струмица Васил Бубев истакна дека нивната главна цел како образовна институција, покрај стекнувањето знаење, е и нивните ученици да научат вештини кои ќе ги оформат во лица кои ќе носат суштински општествени промени.

„Секојдневно сме сведоци на коруптивни дејанија кои навистина е тешко да се искоренат. Како поединци кои го разбираме значењето на вистинските вредности, треба секојдневно да им даваме пример на младите луѓе за во иднина да се случат промените кои се навистина потребни. Само со добар пример и креирање свест за одговорност овие деца ќе се изградат во личности кои ќе ги препознаваат штетните последиците од коруптивните практики. Навистина ни значи што сме дел од оваа кампања, бидејќи вакви дискусии и едукации се потребни на дневно ниво“, потенцираше Бубев.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, осврнувајќи се на нивното дејствување, посочи дека значењето на нивната „борба“ треба да се предочи пред помладите генерации, бидејќи само така ќе се случат радикални промени кои се од клучно значење.

„Корупцијата е „болест“ која мора да биде излекувана. Колку сме побројни, толку сме посилни, затоа секојдевно мора да работиме на промената на свеста и градење општество кое се темели на вистински вредности. Денес го менуваме светот за идните генерации и токму поради тоа од суштинско значење е секој од нас, со одговорноста која ја носи, да дејствува во вистинска насока. Токму затоа и ја спроведувама оваа кампања, која има за цел да го обликува критичкото размислување кај децата, а со тоа да се искоренат и негативните практики кои нанесуваат штета“, заклучи Ивановска.

Кампањата има за цел одблиску да им се прикажат на децата негативните влијанија од коруптивните потфати и штетите кои ги предизвикуваат. Исто така, целта е тие, како поединци да имаат нулта толеранција кон луѓето кои подведуваат на корупција, а со тоа и да ги охрабрат да пријавуваат какво било коруптивно дејство.

Од Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје ја потенцираа важноста од искоренувањето на корупцијата, посочувајќи дека за да се постигне успех, мора да се работи во сите сфери, како со децата, така и со возрасните.

„Промените речиси секогаш се случуваат бавно, но она што за нас е клучно, е тоа што забележуваме дека со ваков тип на кампањи поттикнуваме истите да се случат. Нашата мисија е гласно да зборуваме и никогаш да не запреме да работиме во правец на градење општество во кое се помалку се забележуваат неетичките поведенија“, истакнаа од ИФЕС.

За успешноста на кампањата се грижат и актерите Игор Ангелов и Фисник Зекри, кои на начин близок до учениците ги презентираат лошите страни на корупцијата и добрите страни на одговорноста и чесноста. За сценариото е задолжена Елеонора Венинова, која на вешт начин на дечињата им ја спојува забавата и едукацијата.

Начинот на кој се води едукативната кампања „Бидете херои на чесноста“, создава „херои“ кои засекогаш ќе ги запаметат пораките кои им се упатени и ќе ја надградат личната, а со тоа и колективната совест.

You might also like