Хаџи-Митреска од “Информирај се – делувај за промени”: Четири децении, Точила чека нова градинка

„Информирај се – делувај за промени“, е поттик за граѓаните кои треба да се мобилизираат со цел да успеат локалната власт да им го исполни она кое што им е најпотребно, доизградбата на детската градинка во населба „Точила“ во Прилеп. Според Марија Хаџи-Митреска, мобилизаторка на заедницата, градинката е клучна за Општина Прилеп, бидејќи секоја година се повеќе дечиња се на листа на чекање за да бидат дел во јавните детски установи.

Хаџи-Митреска е дел од 48-те мобилизатори од 25 граѓански организации со иновативни иницјативи преку проектот на Швајцарската влада „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ спроведен од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).

Какво влијание би имала иницијативата за граѓаните?

Хаџи-Митреска: Иницијативата „Информирај се – делувај за промени“ е наменета за доизградбата на детската градинка во населба „Точила“ во Прилеп, и би се остварила со поттикнување на граѓаните да бидат активни, да делуваат кај институциите за реализација на ветените проекти во временската рамка која сами ја проектирале, и за тоа кои алатки можат да ги користат граѓаните за да практикуваат активно граѓанство, како да ги препознаат општествените предизвици и како преку креативни форми да ги остварат и да делуваат како што се јавно говорење, петиции, работилници, здружувања, преку медиумско обраќање.

Каков е вашиот план и кои активности ги преземате?

Хаџи-Митреска: Во таа насока како тим, организиравме работилница, изготвивме радио емисија, направиме аудио анкети, имавме средби со советниците при Советот на Општина Прилеп, дискутиравме со родители, раководителот на градинките во Прилеп, со воспитувачи и експерти за ран детски развој, баравме одговор – „Колкава е важноста локалната власт да го исполни предизборното ветување за доизградба на детската градинка за нас во Точила?”. Резултатите покажаа дека 52% од граѓаните мислат дека даденото ветување треба да биде исполнето, а 20 %, не ни знаат дека се гради градинка во населба Точила. Креиравме и петиција „За доизградба и ставање во функција на детската градинка во населбата Точила – Прилеп“, која сеуште е во тек за потпишување од граѓаните и која ќе биде доставена до локалната власт, со цел да се согледа интересот и загриженоста на заедницата за овој проблем и да се поттикнат носителите на одлуки да делуваат поинтензивно по ова прашање.

Кои се вашите очекувања од иницијативата во општеството, и која би била пораката до граѓаните и институциите?

Хаџи-Митреска: Очекувањата и пораката до институциите и граѓаните е следнава – институциите, треба навремено да ги споделуваат информациите со граѓаните со што, граѓаните поквалитетно ќе учествуваат во развојот на заедницата, односно ќе имаат можност да бидат поцелосно вклучени во креирање на локалната политика во сите сфери.

Што работи Здружението Мултимедиа прес Прилеп (ММП)?

Хаџи-Митреска: Мултимедиа прес Прилеп (ММП) веќе години е фокусирана на квалитетно формирање, промовирање и дистрибуција на информации од сите сфери на општественото живеење, со сеопфатно влијание и на медиумската писменост, во насока на креирање демократско општество со јасни, веродостојни и навремени информации. Целта на здружението, е преку разни активности и форми, учество во развојот на својата заедница, работилници да внесат квалитетни промени во општествената заедница, кои би биле од општ заеднички интерес за граѓаните. Улогата на организацијата е позитивно да влијае врз граѓанската култура, за да може позитивните општествени промени да заживеат во секојдневниот живот на граѓаните, да се применуваат подобрените политики и прописи, а граѓаните активно да учествуваат во развојот на општествената заедница.

You might also like