Инвестициите на Макстил оваа година ќе надминат 14 милиони евра

Макстил АД Скопје за оваа година планира да започне обемна инвестициска програма
вредна 14.623.800 евра. Компанијата овие средства ќе ги насочи за унапредување на
производствените процеси, за зголемување на безбедноста и заштита при работа за
вработените, за зголемување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на производите. Инвестициите ќе започнат оваа година, а дел од нив ќе имаат и подолг рок на имплементација од 12 месеци.

„Работењето во изминатите неколку години во период на здравствена, економска и
енергетска криза и во вонредни услови и како се справивме со сите предизвици, ни го
зацврсти уверувањето за значењето на Макстил за домашната индустрија и економија но и за важноста производните процеси постојано да се унапредуваат. Сите овие случувања ги дефинираа стратешките инвестиции во Макстил. Затоа за оваа година испланиравме голема инвестициска програма што ги опфаќа најсуштинските и најважните елементи од работата на компанијата, унапредување на производните процеси за зголемување на продуктивноста и капацитетите, обезбедување максимална безбедност и заштита на вработените, енергетска ефикасност како долгорочна стратегија, но и зголемен квалитет на производите со што ќе изградиме поголема конкурентност на пазарот“, велат од Макстил.

Покрај вложувањето во работењето на компанијата, Макстил, исто така продолжува со
програмата за општествена одговорност преку активен ангажман во заедницата.

Инвестицискиот план е веќе одобрен од Одборот на Директори на Макстил и неговата
реализација започнува од вториот квартал на годината.

You might also like