Три години „ТЕРАПИЈА“ изложба и DJ сетови на Ели Акула, Флудер, Драгшиќ и Индог

„Терапија“ на 16 декември (сабота) го одбележува својот трети роденден. Настанот започнува со pre – party во BKW, а ќе продолжи во „Минус еден“, каде што присутните ќе уживаат во DJ сетови на германската диџејка Ели Акула, како и на домашните Флудер и Драгшиќ.

На 16-ти декември, оваа сабота, во клубот „Минус еден“, музичката платформа „Терапија“ ќе го одбележи својот трети роденден. Имено, станува збор за домашна платформа која се основаше во екот на пандемијата од КОВИД-19, со цел да се поддржи македонската клупска сцена. Денеска, „Терапија“ зад себе има повеќе успешни реализирани настани. Станува збор за мултимедијални настани, DJ сетови и перформанси кои се поврзуваат со нашето културно наследство или се реализираат на маркантни градски локации.

Во сабота, „терапијата“ ќе започне со pre – party настан во кафулето BKW. Имено, тука ќе не забавува популарниот илустратор, радио водител и креативец Indog, кој е долгогодишен пријател на „Терапија“. Тој ќе настапи со свој DJ сет, но ќе претстави и дел од својата последна изложба, насловена како „Во цут“, која се осврнува на менталното здравје на човекот и на заштитата на животната средина.

Забавата потоа продолжува во клубот „Минус еден“. Во Скопје доаѓа престижната германска DJ-ка Ели Акула, која има настапувано во десетици популарни клубови низ светот. „Терапија“ и овојпат ќе ја афирмира домашната клупска сцена и дел од настанот ќе бидат и нашите популарни диџеи, Нино Флудер и Ивана Драгшиќ.

Сите перформанси ќе бидат проследени со посебни визуелни ефекти т.н. „мапинг“, кој стана еден од заштитните белези на настаните организирани од оваа платформа.

-Како што функционираме овие години, така и ќе го одбележиме нашиот трети роденден. Ќе биде различно, мултимедијално и уникатно. Заврши времето на еднолични и монотони настани. Барем за нас, од „Терапија“. Ги покануваме сите позитивни и градски луѓе да ни се придружат во BKW и „Минус еден“. Постојано зборуваме дека на Скопје му фали енергија и повеќе живот. Па, ајде за момент да го „воскреснеме“ градот убав, изјавува Тренчева Слободанка – Боте, основачката на „Терапија“.

Настанот е поддржан од Heineken, а влезници можат да се купат во претпродажба, во BKW и „Кино Карпош“, како и на самиот настан пред „Минус еден“:

• 400 денари (50 влезници);
• 500 денари (50 влезници);
• 600 денари (на влез на настанот).

На настанот е дозволено присуство само на лица над 18 години.

You might also like